Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, одби да ја бара вината во судењето по поразот на неговиот тим од 2-3 против Реал Мадрид во натпревар од 29-тото коло на Ла Лига.
Аргентинскиот стратег се фокусираше на играта на својата екипа.
„Не мислам дека загубивме поради судиите. Имавме можности да создадеме добри шанси, но не ги искористивме. Заслужувавме барем малку повеќе“, изјави Симеоне.
„Дали судијата имаше различни критериуми? Не мислам дека тоа влијаеше на натпреварот. Можевме да направиме многу повеќе, да се браниме подобро при нивните голови и да бидеме поефикасни во нападот. Имаме сериозни противници и ако им дозволиш нешто, тие сигурно ќе те казнат“, додаде Симеоне.
Тој го пофали и стрелецот на првиот гол за својот тим, Адемола Лукман.
„Адемола Лукман продолжува да напредува, работи одлично и ни носи различни квалитети. Ние му помагаме да се развива и во дефанзивата бидејќи ја извршува таа работа и е момче со огромно срце и желба за учење. Се надевам дека ќе продолжи да ни носи важни резултати“, истакна Чоло за нигерискиот напаѓач.
„Требаше подобро да го контролираме натпреварот и да ги градиме нападите на поинаков начин. Не успеавме да го направиме тоа во клучниот момент. Веќе четврти пат објаснувам како ги гледам причините за тоа што се случи на овој натпревар“, заклучи Симеоне.
Атлетико се наоѓа на четвртото место на табелата, со бод помалку од третопласираниот Виљареал.

