Симоне Инѕаги го напушта Интер и веднаш го презема кормилото на Ал-Хилал

Симоне Инѕаги си заминува од Интер по взаемен договор, објави официјално италијанскиот клуб. Тој ќе продолжи да работи во Саудиска Арабија како тренер на Ал-Хилал. Ова е резултат на денешната средба меѓу тренерот, претседателот Џузепе Марота и спортскиот директор Пјеро Аузилио. Средбата траела само околу 30 минути, што укажува дека сè било договорено однапред.

Поранешниот напаѓач го напушта „Џузепе Меаца“ по четири сезони. Во тој период освои шест трофеи, меѓу кои една титула и два куп-трофеи на Италија. Под негово водство Нераѕурите стигнаа и до двe финалиња во Лигата на шампионите, но ги загубија, што претставува голема болка за Инѕаги. Тешкиот пораз од 0-5 против Пари Сен Жермен пред неколку дена е главната причина за прекинот на соработката.

„Во име на нашите акционери и целиот клуб, сакам да му се заблагодарам на Симоне Инѕаги за завршената работа, за покажаната страст и за искреноста за време на денешниот разговор, кој доведе до заедничка одлука да тргнеме по различни патишта. Само кога се бориш рамо до рамо за успех секој ден, можеш да водиш толку искрен дијалог, каков што имавме денес“, изјави претседателот Џузепе Марота по средбата.

Главен фаворит за тренерската позиција во Интер е Сеск Фабрегас (Комо), а меѓу опциите се и Роберто де Зерби (Марсеј) и Роберто Манчини.

Инѕаги веднаш заминува за Саудиска Арабија, каде што ќе го преземе кормилото на Ал-Хилал. Тимот ја загуби борбата за титулата во домашното првенство, но ќе учествува на претстојното Светско клупско првенство, кое започнува во средината на месецов. Инѕаги ќе дебитира токму на тој турнир, и тоа против Реал Мадрид на 18 јуни.

- Оглас -

Најнови вести