Марко Симоновски се врати на терен со гол по три и пол месечната пауза и му помогна на својот клуб Волунтари да победи со 3:0 против Академија Клинчени во битката за опстанок во првата романска лига.
Македонскиот интернационалец беше прецизен во 21. минута, кога одлично реагираше и со удар со глава ја затресе мрежата на гостите.
Сепак најинтересниот момент на мечот се случи шест минути подоцна, кога голманот на Академија Клинчени си постигна автогол. Португалецот Сантош се обиде да реагира при ударот на Андраж Струна, но топката од рамката на голот се одби во неговиот грб и влезе во мрежата. Во финишот и играчот што влезе на местото на Симоновски, Александру Тудорие беше прецизен за убедлив рестарт на Волунтари
Трите гола на мечот и првенецот на Симоновски по рестартот на сезоната во Романија можете да ги погледнете ОВДЕ.
Со денешната победа Волунтари стаса до позиција веднаш над опасната зона, но битката ќе биде долга и неизвесна за продолжување на прволигашкиот статус.
За Симоновски голот што го постигна денеска е трет во првенството и втор против денешниот противник. Единствениот македонски фудбалер што игра за тим во плејаутот во Романија еднаш ја погоди и мрежата на гигантот Стеауа во регуларниот дел од сезоната.
Во плејофот за титулата вчера требаше да играат Давид Бабунски и Стефан Ашковски, но поради два позитивни случаи со Ковид-19 во таборот на Ботошани, мечот со Универзитатеа Крајова беше одложен, а играчите, меѓу нив и двајцата поранешни македонски репрезентативци беа испратени во 14-дневен карантин.