Синдикатот на професионални фудбалери (ФИФПро) изрази јавна загриженост за добробитот на фудбалерот на Барселона, Ламин Јамал. Од ФИФПро потенцираат за „алармантните барања“ кои се ставени пред 18-годишниот Јамал.
Тинејџерот од Барселона се смета за еден од најдобрите играчи на денешницата, а иако неодамна наполни само 18 години, тој веќе има срушено голем број рекорди. Според челниците на ФИФПро, премногу големо е оптоварувањето што го има Јамал и тоа може да ги загрози неговиот развој и добробитот.
Според студијата од ФИФПро, Јамал до својот 18-ти роденден веќе имал одиграно 130 натпревари во сениорска конкуренција, бројка која е многу поголема од тоа што го прават и најголемите таленти.
Колку само за споредба, прославениот Андрес Иниеста до 18-тиот роденден одиграл 40 натпревари во сениорскиот фудбал, додека сегашниот соиграч на Јамал, Гави, зад себе има 60 натпревари до 18-тиот роденден.
„Ова е навистина алармантно. Изложувањето на прекумерен напор во тој момент речиси сигурно значи нивно изложување на поголем ризик од повреда“, изјави претседателот на мрежата на советници на ФИФПро, Дарен Бургес, додавајќи дека играчите растат и се развиваат до 24 и 25 години.
Јамал минатото лето на 17 години стана најмладиот играч што го освои Европското првенство со Шпанија, најмладиот играч што играл за Шпанија и најмладиот играч што има 100 настапи за Барселона.
Минатиот понеделник тој го освои Купот на кралот по вторпат по ред, и тоа како најдобар млад играч во светот во изборот на „Франс фудбал“.
ФИФПро сака поголема заштита, вклучително и загарантирани паузи за играчите во меѓусезоната, и ги посочи кошарката и бејзболот како спортови што обезбедуваат доволно време за закрепнување помеѓу сезоните.
Во извештајот се вели дека некои европски фудбалери имаат до три недели одмор на крајот од сезоната, во споредба со 14 недели за финалистите во НБА и 15 за финалистите во бејзбол шампионатот.