Синдикатот реагира: Сите тенисери треба да имаат ист третман без разлика дали е прв или илјадити, дали е машко или женско

Не стивнуваат реакциите по веста дека Јаник Синер двапати бил позитивен на допинг-тестот во март оваа година. Од Меѓународната тениска агенција за интегритет (ИТИА)  најавија дека Синер нема да биде суспендиран, туку само ќе му бидат одземени 400 АТП-поени бидејќи италијанскиот тенисер е прогласен за невин поради ненамерно користење на недозволени супстанции.

Синер во своето објаснување рекол дека неговиот физиотерапевт користел спреј кој ја содржел недозволената супстанца клостебол и третирал лична повреда. Сепак, бидејќи физиотерапевтот константно имал контакт со Синер во тој период, недозволената супстанца едноставно била пренесена кај тенисерот.

По овој скандал, со реакција се јавија многу тенисери и стручњаци, а најжесток меѓу нив беше Ник Кирјос, кој побара Синер да биде суспендиран на две години како што било пракса претходно.

Со реакија се јавија и од Синдикатот на професионални тенисери (ПТПА) кои не сакаа директно да го нападнат Синер, но потенцираа дека правилата треба да бидат исти за сите и доколку има можност за отстапка и логично објаснување за некоја ситуација, тенисерите треба да бидат заштитени без разлика дали се работи за некој кој е лидер на АТП-листата или некој кој е на илјадитото место.

„Добро е тенисерите да ги добиваат овие случаи, но мора да се има јасен и конзистентен процес за СИТЕ играчи. Без разлика дали е прв, стоти или илјадити на АТП-листата. Без разлика дали е маж или жена и без разлика од која земја доаѓа. Отсуството на конзистентност и јасен систем креира очигледни проблеми за играчите кои не треба да ги гледаме според ранкингот, полот или националноста. Отсуството на тоа го саботира кредибилитетот на тенискиот естаблишмент кон навивачите и медиумите“, е реакцијата на Ахмад Насар, кој е извршен директор на Синдикатот на професионални тенисери (ПТПА)

- Оглас -

Најнови вести