Синер го урна Алкарас во Монте Карло и му го одзеде првото место на АТП листата

Јаник Синер го победи Карлос Алкарас со 2-0 во сетови (7-6, 6-3) и го освои Мастерс турнирот во Монте Карло, резултат што истовремено му донесе и враќање на првото место на АТП ранг-листата.

Мечот траеше два часа и 15 минути и беше вистинска тениска битка на највисоко ниво, во која Синер на крајот заслужено излезе како победник.

Алкарас започна силно и веднаш направи брејк, но Синер брзо возврати и го врати егалот. Следуваа сигурни сервис-гемови на двете страни, а Шпанецот во деветтиот гем мораше да спасува брејк-топки за да остане во водство.

Првиот сет беше решен во тај-брејк, каде Синер беше поцврст во клучните моменти и со подобра реализација на мини-брејковите стигна до водство од 1-0 во сетови.

И вториот сет донесе голема неизвесност. Алкарас прв стигна до брејк и поведе со 2-1, па дури и го потврди водството по долг гем во кој спаси две брејк-топки.

Сепак, Синер одговори со серија од три добиени гема и комплетно го сврте моментумот. Во седмиот гем искористи трета брејк-топка и се врати во игра.

Клучниот момент дојде во осмиот гем на сервис на Алкарас, кога Синер искористи втора брејк-шанса и поведе со 5-3, по што рутински го затвори мечот и го освои трофејот во Монте Карло, потврдувајќи го и своето враќање на врвот на светскиот тенис.

- Оглас -

Најнови вести