Синер или Медведев, дали титулата на Отвореното првенство на САД се решава вечерва?

Последниот гранслем-турнир во сезоната, Отвореното првенство на САД, донесе многу изненадувања. Ретко кој ќе погодеше дека Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкарас ќе бидат елиминирани уште во првата недела од турнирот.

Освен тоа што испаднаа Ѓоковиќ и Алкарас, сигурно е дека во финалето ќе има и еден дебитант, но и тоа дека Американец ќе се бори за трофејот. Американците Фриц и Тијафо ќе играат во полуфиналето меѓу себе, а вечерва ќе биде позната втората полуфинална двојка. Во полуфиналето ќе играат подобрите од дуелите меѓу Драпер – Минаур и Синер – Медведев.

Според многумина, дуелот меѓу Јаник Синер и Данил Медведев ќе биде финале пред финале. Тоа се единствените двајца тенисери коишто имаат освоено гранслем-трофеи, но се и најдоброрангирани од сите преостанати на турнирот.

Овие двајца досега играле дури 12 пати, а Медведев води со 7-5 во победи. Рускиот тенисер ги има добиено првите шест меѓусебни дуели, а потоа следуваа пет победи во низа и за Синер. Нивниот последен меч е на Вимблдон оваа година, кога Медведев по голема борба победи со 3:2 во сетови, во меч кој траеше речиси четири часа.

- Оглас -

Најнови вести