Синер направи подвиг кој не му успеал на ниту еден тенисер роден по 1990 година

Најдобриот тенисер во светот според АТП-листата, Јаник Синер, се пласира во четвртфиналето на гранслем-турнирот во Њујорк, Отвореното првенство на САД. Италијанскиот тенисер со 3:0 во сетови го победи домашниот натпреварувач Томи Пол, кој успеа да даде силен отпор во првите два сета.

Во првиот сет Синер започна многу лошо и Пол со два брејка стигна до 4:1. Иако изгледаше дека ќе го загуби првиот сет, Италијанецот не се предаде и со четири гема по ред стигна до 5:4, а потоа беше 6:6, па сетот се решаваше во тајбрејк, во кој Синер беше подобар со 7:3.

Тајбрејк имаше и во вториот сет, но овојпат тенисерите беа сигурни на својот сервис, а откако се дојде до 6:6, Синер повторно беше подобар, овојпат со 7:5. Тука беше скршен отпорот на Пол, кој едноставно се предаде во третиот сет, кој Американецот го загуби убедливо со 6:1.

Со оваа победа Синер стана првиот тенисер роден по 1990 година што успеал да стигне барем до четвртфиналето на четирите гранслем-турнири во една календарска година. Синер е роден во 2001 година, што само покажува дека повеќе од една деценија немало тенисер со таков подвиг.

Во четвртфиналето, првопласираниот на ранг-листата ќе игра против неговиот голем ривал Данил Медведев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести