Јаник Синер со максималната победа над Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Вимблдон не само што обезбеди пласман во финалето, туку се најде и во одбрано друштво на тенисери кои играле финале на сите Грен слем турнири.
„Да, тоа е навистина убаво друштво. Ова е прекрасно, ова покажува дека правилно се развивам како играч на сите подлоги, што многу ми значи. Ме стимулира да бидам уште подобар. Пред пет години, кога започнав да играм на трева, не се движев најдобро. Заедно со мојот тим работиме напорно и сакаме да продолжиме во ист стил.“ – рече Синер, откако ја доби информацијата дека тоа им успеало само на Ѓоковиќ, Мареј, Федерер и Надал.
Италијанецот се осврна и на мечот против Новак Ѓоковиќ, за кого рече дека се почувствувало дека е повреден.
„Сервирав добро, одлично се чувствував на теренот. Почувствував во третиот сет дека Ѓоковиќ е повреден. Беше во незгодна позиција, посебно после падот во четвртфиналето, но се трудев да го играм мојот најдобар тенис во важните моменти и сега со нетрпение чекам да видам што ме чека во финалето.“ – вели Синер.