Јаник Синер ја игра најдобрата сезона во својата професионална кариера, а тоа го потврди со освојувањето на уште еден трофеј, тој на мастерсот во Шангај. Италијанскиот тенисер со 2:0 во сетови го победи Новак Ѓоковиќ, а по победата, Синер ја „отвори душата“ и кажа колку му е тешко откако беше обвинет дека користен допинг средства за да стигне до овие успеси.
„Оваа година беше многу, многу тешка за мене. Поради некои други околности кои немаат никаква врска со тенисот, ја загубив насмевката на теренот. Уште ми се случува да размислиувам за тоа“, рече Синер кој во Шангај стигна до 17 трофеј во кариерата, а четврти на Мастерс турнирите 1000.
Пред неколку месеци беше обелоденето дека Синер два пати бил позитивен на допинг тестот. Италијанецот објаснил дека тоа е нешто со кое тој немал никаква поврзаност и беше ослободен од обвинение, но од ВАДА побараа тенисерот да биде суспендиран.
Во 2024 година Синер одигра 71 меча, а има 65 победи. Во осум финалиња на кои играше оваа година, седум ги доби и се радуваше на трофеите во Австралија опен, Ротердам, Мајами, Хале, Синсинати, САД Опен и Шангај.