Синер: Сакам да го оставам овој несреќен период зад мене

Италијанскиот тенисер Јаник Синер истакна дека ќе се обиде што побрзо да го остави несреќниот период зад себе и дека ќе продолжи да се придржува до антидопинг програмата.

Меѓународната агенција за интегритет во тенисот (ИТИА) пред два дена соопшти дека актуелниот број еден тенисер во светот двапати бил позитивен на забранетата супстанција „клостебол“ во март 2024 година.

„Ќе го оставам овој предизвикувачки и длабоко несреќен период зад себе. Ќе продолжам да правам сè што можам за да осигурам дека и понатаму ќе се придржувам до антидопинг-програмата, а околу себе имам тим кој е педантен во однос на усогласеноста,“ изјави Јаник Синер на „Инстаграм“.

Во двата случаи неговата жалба беше уважена бидејќи, како што се наведува, до ненамерна контаминација со „клостебол“ дошло поради лековите на неговиот физиотерапевт.

„Синер во април беше информиран дека бил позитивен на метаболит на „клостебол“ во мали количини, помали од една милијардитинка од грамот. По детална истрага, беше заклучено дека до ненамерна контаминација со „клостебол“ дошло поради лековите на неговиот физиотерапевт. Неговиот фитнес-тренер купил производ, лесно достапен во италијанските аптеки, кој му го дал на физиотерапевтот на Јаник за да залечи исекотина на прстот,“ се вели во соопштението на тимот на Синер.

Синер соработувал за време на истрагата што ја спровела ИТИА.

„Јаник не знаел ништо за ова, а неговиот физиотерапевт не знаел дека користи производ кој содржи „клостебол“. Физиотерапевтот потоа го масирал Јаник без ракавици и поради повредите на тенисерот на кожата, дошло до ненамерна контаминација“, се додава во соопштението.

Италијанецот ќе изгуби 400 поени на АТП-листата и паричната награда освоена на мастерсот во Индијан Велс, каде што беше поразен во полуфиналето од Карлос Алкарас.

На вечерашната ждрепка за ОП на САД Синер е поставен за прв носител.

- Оглас -

Најнови вести