Тренерот на Болоња, Синиша Михајловиќ, одржа емотивна прес-конференција и со солзи во очите кажа дека поддршката многу му значи во битката со болеста. На средбата со новинарите дојдоа и играчите на Болоња на чело со капитенот Блерим Џемаили, па Михајловиќ успеа и да се пошегува.
„Четири тешки месеци се зад мене. Имав хемотерапии, но со силен карактер, успеав да го пребродам тоа. Голема ментална сила добив од лекарите. Најдов ангели чувари кои психолошки ми помогнаа. Тие беа најзначајни, и секогаш ќе им бидам благодарен“ – рече Михајловиќ, по што го совладаа емоциите и почна да се извинува зошто плачеше.
Џемаили од име на фудбалерите му порача на тренерот дека се среќни што тој повторно е со нив, и дека ќе се обидат да го поправат впечатокот, бидејќи на последните мечеви не играле добро. Тогаш Србинот даде интересна реплика.
„Вие сè би направиле само да не морате да тренирате. Сега требаше да тренирате“ – се насмеа Михајловиќ.