Искусниот 37-годишен стопер на Интер, Франческо Ачерби реши да не го прифати селекторскиот повик од Лучано Спалети за репрезентацијата на Италија. Ачерби синоќа беше дел од историскиот пораз на Интер во финалето од Лига на шампиони кога нераѕурите претрпеа катастрофа и загубија со 5:0 од Пари Сен Жермен во Минхен.
Ачерби беше најслабооценет играч во финалето. Тој беше дел од тимот на Интер и во финалето пред две години кога италијанскиот гигант загуби од Манчестер сити со 1:0.
„Секако дека боли кога два пати во последните три години играш во финалето и повторно ќе го загубиш“, рече Ачерби веднаш по поразот од ПСЖ.
По завршување на финалето, дефанзивецот преку СМС порака го информирал селекторот Спалети дека нема да биде дел од репрезентативниот собир.
„Ачерби не се јави на повикот. Ми испрати СМС порака во која пишува дека нема да дојде“, рече Спалети, кој потврди дека не ја пишува причината за оваа одлука на Ачерби, но сигурно е дека не е поради повреда.