Можеби сте слушнале, можеби не, но во фудбалскиот речник постои и израз „Чапларова замка“, кој се однесува на предност од 2-0 на еден фудбалски тим.
Македонската репрезентација синоќа после водството од 2-0, беше фатена во таа замка. Првпат на еден официјален натпревар, Македонија загуби меч на кој водела со 2-0 по прво полувреме.
„Бардот“ на српскиот и југословенски фудбал, покојниот Милан Живадиновиќ, беше најпознат по една негова изјава од пред 30-тина години кога кажа дека „2-0 е најопасен резултат“, а подоцна тој често го повторуваше тоа, предупредувајќи дека тимот кој има предност од 2-0 мора да биде фокусиран до крај за да не му се случи тоа што синоќа им се случи на „Црвено-жолтите“.
Таа фраза често се спомнува во спортското новинарство, во ситуации кога еден тим на пауза води 2-0, па се опушта и потоа има проблем да ја оствари планираната победа.
Статистички, ретко се случува некој тим што водел 2-0 на полувреме да загуби на крај, но понекогаш и тоа се случува, за жал таква ситуација имавме синоќа на „Тодор Проески“ против Украина.
Чешкиот тренер и спортски коментатор, Јозеф Чаплар, во својата земја ја популаризирал фразата дека „2-0 е најопасен резултат“, па по него ова водство во фудбалот е наречено „Чапларова замка“.
Се надеваме дека веќе никогаш нема да ни се повтори ова и дека поразот ќе биде лекција од која ќе биде научено многу за во иднина.