Кристијано Роналдо веројатно ќе чека да го одигра Светското првенство во 2026 година, па да ја заврши кариерата. Додека Роналдо е на залезот на кариерата, неговиот син, Кристијано Роналдо јуниор, допрва треба да ја започне репрезентативната кариера.
Моментално Јуниор е член на младинскиот тим на Ал-Наср, клуб во којшто игра неговиот татко. Синот на Роналдо веќе ги помина младинските школи на Јувентус и Манчестер јунајтед, а веќе се зборува и за тоа каде би можело да започне со репрезентативна кариера.
Интересно е дека Роналдо Јуниор може да одбере една од дури пет репрезентации. Секако, прва опција е Португалија, земјата на неговиот татко. Синот на Роналдо е роден во САД и автоматски има американско државјанство и може да игра за оваа земја.
Роналдо Јуниор може да добие и шпанско државјанство затоа што законот таму вели дека доколку дете до неговата 10-та години живее барем три години во Шпанија, може да добие државјанство. Тој живееше во Шпанија од раѓање до неговата осма година.
Со оглед на тоа што неговиот татко играше за Манчестер јунајтед, семејството исто така поминуваше време во Англија, а тој престој, во комбинација со претходните и некои помали правни формалности, ќе му овозможи на Јуниор да добие англиско државјанство.
Конечно, Кристијано Роналдо Јуниор би можел да игра и за Зеленортските Острови. Имено, Изабел да Пиедаде, по потекло од Зеленортските Острови, е баба на Марија Долорес дос Сантос Авеиро, мајката на Кристијано Роналдо.