Синот на легендарниот Лилијан Тирам ги фрли на колена Нејмар, Мбапе, Ди Марија, Силва…

Пари Сен Жермен е тимот кој во изминативе неколку години доминира во Франција, без разлика за кое натпреварување се работи. „Светците“ ги освојуваа трофеите во првенството и во Куповите, но вечерва се стави крај на таа доминација. Францускиот првак на свој терен загуби од Генгам во Лига купот на Франција со 1-2.

Дека се работи за изненадувањето на годината, потврдува фактот дека Генгам е убедливо најслаб тим во Лига 1 и е на последното место, додека ПСЖ е убедлив лидер. Фаворитот не ни мислеше да го потцени ривалот, па на теренот беа ѕвездите Нејмар, Мбапе, Ди Марија, Силва, Бернат…, но тоа не беше доволно.

По првите 45 минути немаше погодоци, а потоа во 61-вата минута Маркус Тирам не погоди пенал за Генгам. Нејмар го казни тоа и во следниот напад погоди за 1-0 за ПСЖ. Кога се очекуваше дека нема да има изненадување, во 83-тата минута беше досуден втор пенал за гостите, а овојпат погоди Нгбакото за 1-1. Се чекаше мечот да заврши 1-1, но во 93-тата минута беше досуден и трет пенал за Генгам.

Повторно одговорноста ја презема Тирам, но овојпат, за разлика од 61-вата минута, напаѓачот погоди. Тирам е син на прославениот француски репрезентативец Лилијан Тирам, кој во играчките денови беше соиграч со Џиџи Буфон во Парма и во Јувентус. Буфон, кој е дел од ПСЖ, не бранеше синоќа.

https://youtu.be/uEypvn50CGw

 

- Оглас -

Најнови вести