Синот на Солскјер дебито во профи фудбалот може да го има против татко му

Ноа, синот на тренерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер, вечерва може да го има дебито во професионалниот фудбал и тоа токму против екипата која ја предводи неговиот татко. Најтрофејниот англиски клуб вечерва во Осло игра контролен меч против Кристијансунд.

Во редовите на норвешкиот тим е вклучен и 19-годишниот Ноа, кој досега играше во младинскиот состав на Кристијансунд. Талентираниот играч е дел од средниот ред, а се надева дека ќе ги достигне играчките височини на неговиот татко.

„Додека татко му имаше убиствен инстикт за да постигне гол, Ноа повеќе сака да ги создава акциите за погодок. Тој има многу наследено од талентот на Оле Гунар Солскјер“, рече тренерот на Кристијансунд, Кристијан Микелсен.

Талентираниот Ноа уште како бебе ја има почувствувано магијата на Манчестер јунајтед. Во 2001 година, кога Црвените ѓаволи ја освоија титулата во Премиер лигата, Оле Гунар на теренот истрча со својот син Ноа. Вечерва може да се случи Ноа да истрча во дебитантскиот настап токму против татко му.

 

- Оглас -

Најнови вести