Ливерпул вчера по шести пат во клупската историја го освои „Пехарот со големите уши“. Во финалето кое се одигра во Мадрид на „Ванда Метрополитано“, Црвените беа подобри од Тотенхем со 2-0, а избраниците на Јирген Клоп си го сменија статусот од актуелни европски вицешампиони во актуелни шампиони.
Оваа титула Ливерпул ја чекаше 14 години, откако потфрлија во претходните два обиди во 2007 и 2017 година, а последен пат беа континентални прваци во 2005 година. Со оваа шестта европска круна, Ливерпул им помогна на останатите шампиони од Англија да се израмнат со Реал Мадрид.
Имено, сите претходни англиски екипи кои биле прваци, имаат ист број на титули колку и Кралскиот клуб, по 13. Шест титули се на Ливерпул, три се на Манчестер јунајтед, две има Нотингем форест, и по една делат Челзи и Астон вила.
Инаку, пред Ливерпул, последна екипа која ја освои Лигата на шампионите беше Челзи во 2012 година во финалето против Баерн Минхен, додека ова беше второ финале во историјата во кое за пехарот се бореа две англиски екипи. Во 2008 година силите ги одмерија Манчестер јунајтед и Челзи.