Англија на убедлив начин се пласираше во полуфиналето на Европското првенство, откако без никакви проблеми со 4:0 ја победи Украина, на меч одигран на „Олимпико“ во Рим. Следниот противник на Гордиот Албион ќе биде Данска, а мечот се игра на „Вембли“, што фактички значи дека избраниците на Герет Саутгејт ќе играат на домашен терен.
Во текот на целиот досегашен ден од турнирот, Англија покажа фантастична игра. Со четири победи и едно реми, без ниту еден примен гол, Англичаните се единствени со таков биланс меѓу полуфиналистите. За тоа колку е стабилна играта на Англија покажува фактот дека за прв пат во нивната историја немаат примено гол на седум меча по ред и сега рекордот им изнесува 662 минути како ја чуваат репрезентативната мрежа незатресена.
Герет Саутгејт е само вториот селектор кој успеал да ја одведе Англија до полуфинале на Светско првенство и европски шампионат. Претходно тоа му успеало само на Алф Рамзи кој го направи најголемиот успех на Англија предводејќи ја репрезентацијата до златото на Мундијалот во 1966 година, а две години подоцна играше во полуфиналето на ЕП. Саутгејт со Англија на Мундијалот во Русија загуби од Хрватска во полуфиналето, па сега сите очекуваат да стигне до трофејот на ЕП.
„Одигравме фантастичен фудбал. Во текот на целиот меч, динамиката беше еднакво силна. Заслужено сме во полуфиналето, но тоа не е наша последна станица. Знам дека Данска е квалитетен состав и тоа ќе биде одличен меч за гледање“, рече Саутгејт.
Англија само по трет пат е дел од полуфиналето на ЕП, повторувајќи го успехот од 1966 и 1996 година, но мисијата е да се оди чекор напред. Полуфиналето против Данска ќе се игра на 7 јули.
Гордиот Албион синоќа против Украина, само втор пат во историјата успеа да даде четири гола во меч од нокаут фаза на големо натпреарување. Првиот пат беше во финалето на СП 1966 година кога со 4:2 ја победија Германија и стигнаа до трофејот. Време ли е сега за нов трофеј на Англија?