Фудбалскиот судија Новак Симовиќ, кој го судеше последното дерби меѓу Партизан и Црвена ѕвезда, е заразен со корона-вирусот. Дербито се играше пред две недели, а арбитерот од пред неколку дена ги почувствувал симптомите, па подоцна беше потврдено дека е позитивен.
Освен Симовиќ, на корона-вирусот се позитивни и судијата Срѓан Јовановиќ и неговите двајца помошници Милан Михајловиќ и Урош Стојковиќ. Оваа тројка требаше да го суди финалето на Купот на Србија, но поради заразата, нема да бидат на утрешниот дуел во Ниш.
Партизан и Војводина ќе играат на стадионот „Чаир“ во Ниш, во борба за трофејот во најмасовното фудбалско натпреварување кај нашиот северен сосед. Мечот ќе се игра со публика, иако во Србија во последниве неколку денови повторно е активиран алармот за зголемен број заразени од корона-вирусот.
Довербата да го суди финалето на Купот на Србија ја доби Данило Грујиќ, кој е роден во Ниш, што значи дека и градот домаќин ќе има свој претставник на теренот.