Англиските екипи Манчестер сити и Ливерпул победија во првите мечеви од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Сити минимално со 1:0 го победи Атлетико Мадрид, додека Ливерпул на гости во Лисабон со 3:1 славеше над Бенфика.
Манчестер сити постојано имаше иницијатива против Атлетико Мадрид, а отпорот на гостите беше срушен во 70-тата минута. Две минути претходно, Пеп Гвардиола направи дури три измени во офанзивниот ред, кога во игра ги внесе Жезус, Грилиш и Фоден на местата на Стерлинг, Гундоган и Марез.
Токму Фоден со својот прв допир на топката имаше одлична асистенција до Кевин де Бројне, кој погоди за 1:0 за Сити. Тоа е и конечниот резултат, па Сити на реваншот во Мадрид ќе патува со еден гол предност.
Ливерпул ја оправда фаворитската улога против Бенфика и славеше со 3:1 во Лисабон. Конате ја најави победата на гостите, а Мане погоди за 2:0, резултат со кој гостите водеа на полувреме. Двата гола на Ливерпул од првиот дел може да ги видите ТУКА.
На почетокот на второто полувреме, Нунез погоди за Бенфика и домаќините намалија на 1:2.
Ливерпул ја врати предноста од два гола пред реваншот на „Енфилд роуд“ благодарение на голот на Дијаз во 87-мата минута.