Сити и со 26 шута не го победи „фенерџијата“, Саутемптон повеќе не е најслабата екипа во историјата на Премиер лигата

Манчестер сити одигра само 0-0 на гостувањето кај последната екипа во Премиер лигата, Саутемптон, и си го компликуваше пласманот во Лигата на шампионите. „Граѓаните“ остануваат на третата позиција со 65 бода, по два повеќе од Њукасл и Челзи, односно четири и пет бод плус од Нотингем и Астон вила. Сепак, сите останати конкуренти на Манчестер сити допрва треба да ги одиграат своите натпревари од 36-тото премиерлигашко коло.

Избраниците на Пеп Гаврдиола упатија вкупно 26 удари кон противничкиот гол, но и тоа не беше доволно за да го пронајдат патот до мрежата на расположениот Рамсдејл. На спротивната страна, Саутемптон упати само два удари кон противничкиот гол, но ниту еден од нив не одеше во рамките од голот. „Граѓаните“ изведоа и 15 корнери, наспроти само еден на домашниот состав.

Со бодот против „граѓаните“, Саутемптон дојде до 12 поени оваа сезона и ако е за некаква утеха, нема да бидат најслабата премиерлигашка екипа во историјата. Рекордот останува во сопственост на Дерби каунти, екипа која во сезоната 2007/2008 освои само 11 поени.

- Оглас -

Најнови вести