Сити – Ливерпул, дали може да го реши прашањето за титулата во Англија?

Уште на третиот ден од 2019 година може многу нешта да станат појасни во трката за титулата во Англија. Се игра дербито на двата најсериозни кандидати за титулата. Актуелниот првак Манчестер сити го пречекува лидерот Ливерпул.

Освен битка на теренот каде што ќе има голем број фудбалски ѕвезди, ова ќе биде и пресметка на двајца врвни тренери. Во изминативе неколку денови, Пеп Гвардиола и Јирген Клоп не штедеа да дадат комплименти за противникот, а вечерва ќе видиме кој кого ќе надмудри.

Манчестер сити е бранител на тронот, но Ливерпул е тимот кој го одбележа првиот дел од сезоната во Премиер лигата и затоа е лидер. Предводен од Клоп, Ливерпул уште нема ниту еден пораз сезонава, а гостувањето на „Етихад“ ќе биде вистински тест за шампионската сила на гигантот од „Енфилд роуд“.

Стратегот на Сити, Пеп Гвардиола, изјави дека Ливерпул го има најдобриот тим во Европа, но дека сепак неговите избраници ќе одат на победа.

„Имам чувство дека ова е нашата шанса да го намалиме заостанувањето. Сите се прашуваат што ќе направиме ако загубиме, но во нашиот фокус е победата. Ако сакаме да победиме, треба да ја играме нашата игра“, рече стратегот на Сити.

Гостинот од „Енфилд роуд“ има седум бода пред денешниот ривал, па со евентуални нови три бода, многу работи ќе бидат појасни. Сепак, менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, вели дека сега за противник го имаат најдобриот клуб во светот. Дербито на Премиер лигата започнува во 21 часот.

Мечот од есенскиот дел од сезоната кој се играше на „Енфилд роуд“ заврши без голови, а со тоа „граѓаните“ ја прекинаа доминацијата на Ливерпул, кој претходно победуваше во четирите последни меѓусебни средби.

 

- Оглас -

Најнови вести