Сити му го „лапна“ местото“ на Јунајтед во ривалитетот со Ливерпул

Во Англија има интересен пресврт на релација Ливерпул и Манчестер, а во последните неколку години во преден план е ривалитетот меѓу двете екипи што постојано бијат битка за титулата во Премиерлигата.

Двата града имаат огромен ривалитет на фудбалски план, пред се поради двете најтрофејни екипи Ливерпул и Манчестер јунајтед. Тие дуели се со епитетот вечно дерби во англискиот фудбал, бидејќи двата гиганти вкупно имаат 38 шампионски пехари и се на првите две позиции како најуспешни екипи во Англија.

Но, во последно време Манчестер сити полека му го превзема приматот на Јунајтед и се раѓа нов голем ривалитет со Ливерпул, пред се во битката за шампионскиот пехар во Премиерлигата.

Подгответе се за ново големо дерби со предзнакот меч на полусезоната во Англија на моментно двете најдобропласирани екипи во Премиерлигата. Ливерпул ќе му биде домаќин на Манчестер сити утре од 17.30 часот во меч што е во фокусот на фудбалската јавност.

Ривалитет меѓу 18-кратниот првак Ливерпул и Манчестер сити, кој има шест титули секогаш постоел, но секако беше во сенка на дерби дуелите на Ливерпул и Манчестер јунајтед, клуб кој е најтрофеен со 20 шампионски пехари.

Нова страница во се поинтересниот ривалитет на Ливерпул и Манчестер сити почна во сезоната 2013/14, кога популарните граѓани ја освоија својат четврта титула, а ги искористија пропустите на тимот од „Енфилд роуд“ во последната етапа и со 86 бода станаа прваци. Ливерпул беше вицешампион со 84, како најава за враќање на трофејните патеки на славниот клуб.

„Енфилд роуд“ чека 19-ка скоро три децении

Ливерпул нема титула откако е формирана Премиерлигата, а „Енфилд Роуд“, стадион што е култен во светот на фудбалот чека домашен пехар од сезоната 1989/90 кога за последен пат „црвените“ се радуваа на трофекот во англиското првенство.

Особено возбудлива беше ланската трка на двоецот Сити-Ливерпул, а повторно се радуваше сината страна на Манчестер, во битка што беше епска и заврши со 98:97 во бодови за „граѓаните“. Ливерпул остана покус за бод, иако постави рекорд со 97 бодови, најмногу што второпласирана екипа освоила во историјата на англискиот фудбал.

Сезонава избраниците на Јирген Клоп газат опасно, немаат пораз во досегашните 11 кола, и се единствени со „нула“ во графата за порази во Премиерлигата.

Како лидери го чекаат актуелниот шампион, кој е веднаш зад нив со шест бода помалку. Пред новото дерби и двете екипи се речиси во комплетен состав, односно нема нови повредени и отсутни играчи, освен Давид Силва и голманот Едерсон кај Сити, чии настапи се неизвесни.

Триото Фирмино-Салах-Мане повторно ќе биде главниот адут на Ливерпул, а тој трилинг постигна заедно 14 од вкупно 25 голови на лидерот во Премиерлигата.

Јирген Клоп одлично ја води екипата, која има се што е потребно конечно да се прекине тридеценискиот пост и да се освои 19. пехар во англиското првенство.

Сити набилда четири титули во втората декада од новиот милениум

За Манчестер сити оваа декада е историска и најуспешна етапа во 125-годишната историја на клубот. Освоени се дури четири титули од вкупно шест во последните 10 години и „граѓаните“ се најуспешниот фудбалски клуб во Англија во втората декада од новиот милениум, без разлика дали ќе ја одбранат титулата во оваа сезона.

Капиталот на шеиците од Катар, популарната „Сити груп“ донесе голем пресврт кај клубот, а колекцијата со пехари одлично се пополнува.

Манчестер сити веријатно го има најкомплетниот ростер во Англија, има квалитет за да играат најмалку две, па и три еднакво квалитетни екипи, или како што вели Жозе Мурињо, Сити би бил и шампион и вицешампион на Англија со две различни екипи.

Имињата на Стерлинг, Агуеро, Де Бруин, Давид и Бернардо Силва, Габриел Жезус, Марез, Вокер…. се гаранција за успех, а Сити утре ќе го игра веројатно и најважниот меч во полусезоната во Англија. Пораз од Ливерпул ќе значи речиси сигурно збогување со титулата во Англија, бидејќи 9 бода предност за Ливерпул, кој игра во страшна форма би биле превисока разлика за стигнување во новата трка на двоец од Ливерпул и Манчестер за највредниот англиски пехар.

Утре ќе го играат 214. меѓусебен меч, а традицијата е на страната на Ливерпул со 104 победи, 53 нерешени и 56 порази.

Можни состави:

Ливерпул – Алисон, Александер-Арнолд, Ван Дајк, Ловрен (Гомес), Робертсон, Вајналдум, Фабињо, Хендерсон, Мане, Салах, Фирмино. Тренер: Јирген Клоп.

Манчестер сити – Браво, Менди (Ангелино), Стоунс, Фернандињо, Кансело, Б. Силва, Гундоган, Де Бруин, Стерлинг, Агуеро, Марез. Тренер: Пеп Гвардиола.

 

 

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести