Манчестер сити не го дава најдобриот фудбалер во Премиер лигата и ги разреши сите дилеми, па Кевин де Бројне ќе игра за популарните Граѓани најмалку до 2025 година.
Денеска белгискиот репрезентативец го продолжи договорот за уште четири години со актуелниот лидер во англиската Премиер лига.
„Не можам да бидам посреќен од ова. Го продолжив договорот со клубот во кој дојдов во 2015 година и ќе заокружам најмалку десет години во Манчестер сити. Тука се чувствувам како да сум дома. Го сакам клубот, навивачите и сите што се приврзани за Манчестер сити. Многу напредував откако сум член на ова семејство и продолжувам понатаму, се надевам со уште поголеми успеси“, изјави Белгиецот.
Досега со Манчестер сити освои две титули во Премиер лигата, еден пехар во ФА купот и четири во Лига купот на Англија, а лани беше избран за најдобар фудбалер во англиското првенство.
Вчера постигна и гол за Манчестер сити во победата од 2:1 против Борусија Дортмунд во осминафиналето на Лигата на шампионите, а денеска го прослави со продолжување на договорот до 2025 година.
„Кевин е еден од најдобрите фудбалери на светот и задоволни сме што ја продолживме соработката. Неговиот талент е неспорен, а работните навики и скромноста му се само плус во успешната кариера. Се надевам дека ќе освојува уште многу трофеи со нас“, изјави Чики Бегиристајн, спортскиот директор на Манчестер сити.