Манчестер сити без проблеми се пласираше во осминафиналето на ФА купот, откако попладнево на свој терен го разби Фулам со 4-0. Но, победникот, поточно навивачите, беа изложени на критики. На трибините на „Етихад“ имаше многу слободни места, и тоа придонесе Граѓаните да бидат нарекувани вештачки клуб без вистински навивачи.
Денеска и тие 39.000 луѓе што решија да се појават на трибините, речиси цело време беа мирни и тивки, а реакција, аплаузи и скандирање имаше само кога пажаа головите.
Граѓаните седма сезона по ред даваат над 100 гола во сите натпреварувања. Сезонава имаат 65 гола во Премиерлигата, 16 во Лигата на шампионите, 12 во Карабао купот, 9 во ФА купот и еден во Комјунити шилд. Тимовите кои ги водел тренерот Пеп Гвардиола во неговата кариера, а тоа се Барселона, Баерн и Сити, секогаш постигнуваат троцифрен број на голови во сезоната.
Победникот беше решен многу рано. Во шеста минута, гостинскиот играч Тим Рим доби црвен картон, а Илкај Гундоган две минути подоцна погоди од пенал. Бернардо Силва во 19-та минута зголеми на 2-0. Во вториот дел, работата ја доврши Габриел Жезус кој за 163 секунди даде два гола во периодот од 72 до 75 минута.