Сити се пофали со петте трофеи што ги освои во 2023 и лесно го победи „фенерџијата“ (Видео)

Манчестер сити не дозволи изненадување и на свој терен без многу проблеми со 2:0 го победи Шефилд јунајтед, во дуел од 19 коло во Премиер лигата. За граѓаните ова беше последен меч во 2023 година, година која е најуспешна во историјата на клубот.

Оваа година, Сити освои неверојатни пет трофеи. Граѓаните се радуваа на титулите во Премиер лигата, ФА Купот, Лигата на шампиони, Супер купот на Европа и Светското клупско првенство.

На точно половина од првенството во Премиер лигата, Граѓаните моментално се на третото место со 40 бодови, колку што има и Арсенал, а пред нив се Ливерпул со 42 бодови од 19 мечеви и Астон вила со 42 бодови од 20 натпревари.

Против Шефилд, домашниот тим даде по еден гол во двете полувремиња и тоа беше сосема доволно за освојување на планираните три бода. Родри постигна одличен гол во 14 минута и донесе радост за домашните фанови.

Во второто полувреме погоди Хулијан Алварес во 61 минута и само потврди дека нема да има никакво изненадување. Шефилд по овој пораз останува закован на дното со само девет освоени бода од 20 средби.

Манчестер сити во 2023 година на домашен терен немаше ниту еден пораз и заврши со биланс од 26 победи и три нерешени средби.

Во останатите мечеви кои досега завршија: Лутон – Челзи 2:3, Астон вила – Барнли 3:2, Кристал Палас – Брентфорд 3:1 и Вулверхемптон – Евертон 3:0. Во 18:30 часот ќе играат Нотингем форест – Манчестер јунајтед.

- Оглас -

Најнови вести