Манчестер сити ја победи УЕФА во Лозана и ќе може да настапува во европските купови, а веднаш потоа тргна во офанзива.
Ланскиот шампион веднаш по одлуката на Арбитражниот суд за спорт дека не ги прекршил правилата за финансиски ферплеј, му понуди долгогодишен богат договор на тренерот Пеп Гвардиола.
Шпанецот ја одбработува последната сезона од актуелниот договор со Манчестер сити и заработува по 20 милиони фунти годишно.
Манчестер сити сака да го задржи Пеп уште долго на клупата, а успесите се одличен аргумент за продолжување на соработката.
Гвардиола пристигна во синиот дел од Манчестер на први февруари во 2016 година и со него како менаџер клубот освои две титули во Англија, четири пехари во Лига купот, еден во националниот куп и два во Суперкупот на Англија.
На Пеп му фали само највредниот клупски трофеј во Европа, тој во Лигата на шампионите, а и оваа сезона се во игра за тронот.
Во август треба да го играат реваншот од осминафиналето на свој терен против Реал Мадрид, по победата од 2:1 на гости. Ако продолжат понатаму, противник ќе им биде подобриот од двомечот Јувентус-Лион, а потоа ако успеат да ја прескокнат и таа пречка, им следува нокаут-меч со најдобриот од квартетот Барселона/Наполи – Баерн/Челзи.