Сити во дилема околу наследникот на Компани

Доскорешниот капитен на Манчестер сити Винсен Компани, денес ги напушти редовите на англискиот првак по 11 години. Тој ќе биде тренер-играч на Андерлехт откако се согласи на тригодишен договор со белгискиот тим, и воедно остави голема дупка во одбраната на Сити.

Најновата задача на Пеп Гвардиола ќе биде да најде негова адекватна замена, а списокот е сведен на двајца кандидати. Првата желба е сензацијата на Ајакс, Матајс Де Лихт, 19-годишниот холандки капитен на Копјаниците кој сезонава покажа дека е подготвен да заигра за европски гигант. Холандскиот првак го проценува Де Лихт на 60 милиони евра, меѓутоа Сити ќе има конкуренција за неговиот потпис од Барселона, Реал Мадрид, Јувентус и Ливерпул.

Второто име кое се истакна е стоперот на Лестер, Хери Мегвајер. Англичанецот е столб на одбраната на Лисиците и во изминативе две сезони се стекна со големо искуство играјќи покрај ветеранот Вес Морган, а воедно брилјираше на последниот Мундијал за селекцијата на Англија.

За него веќе долго време се интересира градскиот ривал Манчестер јунајтед, но Сити има поголеми шанси да ги добие услугите на Мегвајер поради учеството во Лигата на шампионите, нешто што Црвените ѓаволи не можат да понудат. Претходно желба на Гвардиола беше и Милан Шкрињар од Интер, но Словакот пред неколку дена стави потпис на нов договор со Нероаѕурите.

Како и да е, во таборот на Сити се очекува ново бурно лето, а допрва ќе се види дали раководството ќе му исполни барем една желба на Гвардиола.

- Оглас -

Најнови вести