Италијанскиот „Скај спортс“ тврди дека УЕФА донесе дефинитивна одлука завршницата во Лигата на шампионите да се одржи во Лисабон, Португалија. Почнувајќи од четврфиналето, најдобрите осум екипи ќе се сретнат во португалската метропола, додека реванш-дуелите од осминафиналето ќе се одржат според првичниот план.
Елмас со Наполи ќе гостува на „Камп ноу“ во реваншот против Барселона, Јувентус во Торино ќе го пречека Лион. Баерн и Челзи треба да се сретнат на „Алијанц арената“ во Минхен, а Манчестер сити на „Етихад“ ќе го пречека Реал Мадрид.
Европскиот Суперкуп ќе се игра во Будимпешта наместо во Порто на „Драгао“, како што беше планирано.
Истиот систем ќе се користи и за Лигата на Европа, фајнл ејт турнир ќе се одржи во Германија по комплетирањето на двојките од осминафиналето. Финалето во женската Лига на шампиони ќе се игра во Шпанија.
Оваа одлука треба да се официјализира на состанокот на извршниот комитет на УЕФА на 17 јуни, а дотогаш ќе се дознаат и термините за бараж на ЕП 2020 и Лигата на нациите.