Скакулците од Цирих си имаат златен џокер – Ѓорѓев се изнадава голови во посткорона ерата

Никола Ѓорѓев игра импресивно по камбекот на терените и долгата пауза поради пандемијата со корона-вирусот, а вечерва повторно беше стрелец за Грасхоперс во Втората швајцарска лига.

Десното крило на популарните Скакулци влезе во игра на почетокот на второто полувреме против Лозана Оши, го замени Амел Рустемовски, уште еден талент со македонско потекло, и само по 20-тина минути игра ја погоди мрежата на гостите.

Ова е вкупно седми гол за Ѓорѓев, со што е втор стрелец на Грасхоперс, зад Насим Бен Калифа, кој постигна 12 погодоци сезонава.

Интересно е што по долгата пауза поради пандемијата со ковид-19 и рестартирањето на првенството во Втората швајцарска лига, Ѓорѓев е убедливо најдобар стрелец.

Постигна пет гола во посткорона ерата и е лидер во Лигата што брои 10 клуба. Грасхоперс ја победи Лозана Оши со 4:0 и на 7 кола до крајот на шампионатот има 53 бода на втората позиција.

Лидер е Лозана со 58 бода, а само првопласираната екипа ќе оди директно во Првата лига, додека вицешампионот ќе игра бараж-двомеч против претпоследната екипа во најквалитетното првенство во Швајцарија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести