Скандал: Кристијано Роналдо обвинет за „местење натпревари“ во Саудиска Арабија?

Фудбалската сцена во Саудиска Арабија ја тресе скандал по контроверзниот натпревар меѓу Ал-Ахли и Ал-Фејха, во кој домаќинот беше лишен од два пенали и покрај прегледот на ситуациите преку ВАР системот. Ремито 1-1 сериозно го загрози настојувањето на Ал-Ахли во трката за титулата, а кризата е дополнително заострена со остри обвиненија кон судијата, но и кон Кристијано Роналдо, кого британските медиуми сега го поврзуваат со наводно „местење натпревари“.

Кризата избувна во 29-тото коло на Саудиска професионална лига, кога Ал-Ахли ремизираше 1-1 со Ал-Фејха и остана на 66 бодови, оддалечувајќи се од водечкиот двоец. На домаќините не им беа досудени два пенали, од кои еден во последните моменти на мечот, и покрај тоа што судијата ја користеше ВАР-снимката за проверка.

Напаѓачот на Ал-Ахли, Иван Тони, по натпреварот изјави дека судијата отворено го фаворизирал ривалот во борбата за титулата.


„Судијата ни рече да ја заборавиме лигата и да се фокусираме на азиската Лига на шампиони. Дали е тоа нормално? Никогаш во животот не сум доживеал вакво нешто“, изјави Тони.

Тој тврди дека натпреварот им е „украден“ и дека судиските критериуми кои важеле цела сезона одеднаш исчезнале во клучниот дуел. Тој побара Судиската комисија на Саудиската фудбалска федерација да ја прегледа комуникацијата за да ги потврди неговите тврдења. Неговиот став го потврди и Матијас Јајсл, тренер на Ал-Ахли, кој рече дека судијата навистина ги поттикнувал играчите да се откажат од борбата за титулата.

Целиот случај доби нова димензија кога британскиот весник „Дејли Мејл“ објави дека Кристијано Роналдо се наоѓа во центарот на обвиненијата за манипулација и измама со цел обезбедување титула за Ал-Наср.

Според весникот, контроверзиите околу натпреварот на Ал-Ахли и изјавите на Иван Тони поттикнале сериозни сомнежи дека Роналдо и неговите соиграчи можеби „местеле“ натпревари за да ја освојат титулата во Саудиска Арабија. Ал-Наср моментно е лидер на табелата со 70 бода, два повеќе од Ал-Хилал и четири повеќе од Ал-Ахли, пред саботниот дуел со Ал-Ахдуд.

- Оглас -

Најнови вести