Скандал на Ролан Гарос: Уапсена тенисерка поради наместени мечеви

Тенисерката Јана Сизикова од Русија е уапсена во Париз поради основано сомнение дека местела натпревари за да може да добие пари во обложувалница. Под лупа беше мечот од дубл-конкуренцијата, кога заедно со Сизикова играше Мадисон Брангле, и тоа против романската двојка Андреа Миту и Патриција Марија.

Истрагата е започната уште минатата година, а францускиот весник „Ле Паризиен“ открива дека Сизикова била уапсена по мечот од Ролан Гарос во дубл на кој играла руската тенисерка.

На сомнителниот лански меч, посебно сомнително било тоа што се случувало во вториот сет, поточно во петиот гејм на тој сет. Во тој гејм, Сизикова била на сервис, а противничките лесно го добиле. Сомнително е тоа што Русинката во тој гејм направила две двојни сервис-грешки, нешто на што биле ставени многу пари во светските обложувалници.

Истрагата треба да покаже дали Сизикова случајно направила две двојни сервис-грешки во тој гејм во кој сервирала. Русинката моментно е на 765-тото место на ВТА-листата, а најдобриот пласман во кариерата го имала кога се нашла на 336-тото место на светската ранг-листа.

 

- Оглас -

Најнови вести