Скандал во Италија: Осуммина фудбалери затруени пред клучниот меч за опстанок

Осуммина играчи на Салернитана беа хоспитализирани поради труење со храна откако се вратија во неделата навечер од Џенова, каде што клубот од Салерно загуби со 0:2 од Сампдорија во првиот натпревар од плејофот за останување во втората италијанска лига.

Клубот соопшти дека вкупно 21 лице, вклучувајќи осуммина играчи и неколку членови на тренерскиот штаб, се затруле со храна.

„Ситуацијата бараше интервенција на брзата помош по пристигнувањето на аеродромот во Салерно и хоспитализација на голем број од засегнатите“, се вели во соопштението.

По пристигнувањето на аеродромот „Салерно-Коста д’Амалфи“, четири амбулантни возила и неколку приватни возила однесоа шеснаесетмина членови во болниците во Салерно и Батипаља. По неколку часа, некои беа отпуштени, додека некои играчи останаа под надзор.

Затоа клубот побара и доби одложување на реванш-натпреварот. Наместо на 20 јуни, реваншот ќе се игра на 22 јуни.

„Клубот веднаш ги активираше сите потребни процедури за заштита на здравјето на своите членови и ги информираше надлежните органи, задржувајќи го правото да преземе какви било мерки на теренот, спортски и други, за да ги заштити интересите на клубот и неговите членови само неколку дена пред реваншот“, се додава во соопштението.

Хоспитализираните играчи и персоналот наводно консумирале спакувани ручеци во авионот што им биле подготвени во хотел во Џенова. Според „Газета дело спорт“, полицијата веќе го посетила хотелот во Џенова каде што Салернитана престојувала пред натпреварот и кој подготвувал оброци за патувањето.

Сампдорија ја победи Салернитана со 2-0 во првиот натпревар од плејофот за да остане во Серија Б.

Сампдорија не требаше ниту да игра во плејофот, туку требаше да биде сигурен патник до третата лига на италијанскиот фудбал. Сепак, Бреша беше казнета со одземање на четири бода поради „финансиски неправилности“, по што падна од 15-тото на 18-тото место, што носи испаѓање во Серија Ц, третата квалитативна класа на италијанскиот клупски фудбал.

Бреша на тој начин им се придружи на Читадела и Козенца, директни патници во третата дивизија. Таквиот епилог го спаси Фрозиноне, додека Сампа и Салернитана добија шанса во плејофот да освојат „карта за спас“.

 

- Оглас -

Најнови вести