Италијанскиот фудбалер Николо Заниоло повторно е во центарот на вниманието, овојпат поради сериозен инцидент кој му го наруши спортскиот имиџ. Според информациите на „Спорт Италија“, Заниоло присуствувал на натпревар на младинските тимови на Рома и Фиорентина, но по завршувањето на мечот влегол во конфликт со стручниот штаб и играчите на Примавера тимот на Рома.
Наводно, фудбалерот започнал да ги навредува и да ги исмева младите играчи предводени од тренерот Џанлука Фалсини. Ситуацијата брзо ескалирала, при што дошло до вербална и физичка пресметка, а според истите извори, Заниоло дури и влегол во соблекувалната, каде што со тупаница удрил еден млад фудбалер.
Фудбалскиот клуб Рома го потврди инцидентот преку официјално соопштение и најави строги мерки.
„Рома најостро го осудува секое агресивно однесување или постапки што не се согласно спортските вредности“, се наведува во соопштението на клубот, каде што исто така се потврдува дека двајца млади играчи биле физички нападнати од Заниоло.
Инцидентот се случува во особено чувствителен период за Заниоло, кој во последните месеци се соочуваше со пад на формата и контроверзии надвор од теренот. Доколку се потврди неговата вина, можно е да следуваат дисциплински санкции од Италијанската фудбалска федерација, па дури и исклучување од репрезентацијата.
Останува да се види какви последици ќе има овој скандал за кариерата на Заниоло.