Во таборот на Манчестер јунајтед се заканува нова мини-криза, откако Алехандро Гарначо објави фотографија на социјалните мрежи на која носи дрес од Астон Вила со името на Маркус Рашфорд на грбот. Реакцијата не изостана, Рашфорд одговори со кратка, но значајна порака: „мој брат“.
Овој гест предизвика бројни реакции, особено поради претходните гласини дека односите меѓу двајцата не биле најдобри. Англиските медиуми пишуваа дека луѓе блиски до Рашфорд го нарекле Гарначо „имитатор на Роналдо“, што дополнително ја разгоре тензијата.
Во јануари, и двајцата беа исклучени од составот за дербито против Манчестер сити, иако клубот не даде јасно објаснување за одлуката. Оттогаш, нивните кариери тргнаа по различни патишта. Рашфорд замина на позајмица во Астон Вила, каде имаше солидни настапи, но клубот не се одлучи за траен трансфер. Гарначо, пак, доби нова шанса кај менаџерот Рубен Аморим, но на крајот на сезоната падна во немилост. Неговиот конфликт со тренерот по финалето во Лига Европа доведе до уште едно исклучување од тимот.
📲 Alejandro Garnacho on Instagram. pic.twitter.com/1QxMmcNon5
— centredevils. (@centredevils) June 22, 2025
Според последните информации, двајцата добиле сигнал дека немаат иднина на „Олд Трафорд“ и дека можат да си бараат нов клуб.
Во позадина на сè, некои аналитичари сугерираат дека потезите на двајцата фудбалери се внимателно осмислени, можеби како начин да ја поткопаат преговарачката позиција на Манчестер јунајтед со потенцијалните заинтересирани клубови. Иако на „Олд Трафорд“ имаат надеж дека можат да заработат од 80 до 100 милиони фунти за нивните трансфери, последните случувања ја прават таа проценка сè понеостварлива.