Скандал во Њујорк, поради цитирање зборови на Хитлер прекинат мечот меѓу Зверев и Синер

Дуелот од осминафиналето на последниот годинашен гренслем-турнир, Отвореното првенство на САД, меѓу Александер Зверев и Јаник Синер го одбележа голем скандал во четвртиот сет, кога германскиот тенисер се пожали дека од трибините доаѓаат повици кои имаат врска со Адолф Хитлер.

Во четвртиот сет, при резултат 2:2 во гемови, Зверев го прекина гемот и му пријде на судијата да се пожали дека некој од трибините ја извикна „најпозната фраза на Хитлер во историјата“.

Тогаш судијата се сврте кон трибините и рече: „Кој го рече тоа? Крени ја раката. Кој го рече тоа?“.

Потоа мечот беше во прекин десетина минути додека обезбедување го бараше лицето кое го цитираше нацистичкиот лидер. Откако го пронајде, го отстрани од трибините.

На крајот, победата во маратонскиот меч кој траеше четири часа и 41 минута ја однесе Зверев, и тоа во пет сета. Германецот победи со 6:4, 3:6, 6:2, 4:6, 6:3 и си закажа четвртфинална пресметка со првиот носител и бранител на трофејот, Карлос Алкарас.

Пласман во четвртфиналето обезбеди и Данил Медведев, кој прво се мачеше, но кога го пронајде ритамот, рутински го победи Алекс де Минор со 2:6, 6:4, 6:1, 6:2.

Во женска конкуренција, втората носителка Арина Сабаленка е последна четвртфиналистка откако во осминафиналето само за 76 минути со 6:1,6:3 ја победи Русинката Дарија Касаткина.

- Оглас -

Најнови вести