21.8 C
Skopje
понеделник, 7 јули 2025

Скандал во Севиља: Навивачите го „обесија“ претседателот на клубот

Во Севиља владее сериозна тензија откако кукла на надувување, со вреќа на главата и шал од клубот, беше обесена од мост во градот со заканувачки транспарент: „Јуниоре, ова е твојот крај“. Шпанските медиуми го толкуваат овој чин како директна закана до претседателот на клубот, Хосе Марија дел Нидо Караско, познат и по прекарот „Јуниор“.


Клубот веднаш го пријавил инцидентот во полиција, а истрагата е во тек.

И покрај тоа што Севиља го обезбеди опстанокот во Ла Лига, незадоволството кај навивачите не стивнува. Дел Нидо Караско подолго време е под притисок, навивачите редовно скандираат „Јуниоре, оди си“ од трибините.

Напнатоста дополнително се зголеми по последниот пораз од Селта, кога неколку стотини навивачи го пресретнаа тимскиот автобус пред тренинг-центарот. Ситуацијата излезе од контрола, беа истрелани дијаболи, фрлани јајца, а играчите биле принудени да преноќат во кампот.

Ваквите инциденти се само дел од низата напади и притисоци: неодамна беше нападнат и директорот за стратегија и развој, Игнасио Наваро, по поразот од Атлетико Мадрид. Навивачката група Sevillista San Fernando вчера официјално ги прогласи Дел Нидо Караско и целиот управен одбор за „непожелни лица“ во клубот.

Севиља ја завршува сезоната со два натпревари, прво на домашен терен против Реал Мадрид, а потоа и гостување кај Виљареал. Се очекува напнатоста да продолжи и во последните мечеви, особено на стадионот „Санчез-Писхуан“, каде што атмосферата е веќе сериозно наелектризирана.

- Оглас -

Најнови вести