Словенечката кошаркарска репрезентација се соочува со нови големи проблеми во пресрет на Европското првенство.
Откако ситуацијата околу Влатко Чанчар се смири, сега на површина излезе нова драма, овојпат поврзана со искусниот Зоран Драгиќ, кој претходно најави дека по Евробаскетот ќе стави крај на репрезентативната кариера. Сепак, како што стојат работите, тој воопшто нема да настапи на претстојниот турнир.
Селекторот Александар Секулиќ објави список од 14-мина кошаркари на кои ќе смета, а на него го нема името на Драгиќ.
„По неделниот натпревар ја имавме најтешката задача, да го намалиме бројот на играчи. Не се простивме само од Жига Данеу, туку и од Зоран Драгиќ, кој со години беше клучен дел од репрезентацијата и придонесе за најголемите успеси. Им благодарам за посветеноста и професионализмот“, изјави Секулиќ.
Иако Драгиќ не се огласи, тоа го направи неговата сопруга Светлана, која тврди дека кошаркарот сам ја напуштил репрезентацијата:
„Таканаречениот тренер не го прецрта Зоран од списокот. Зоран сам го напушти овој циркус кој трае веќе неколку години. Со тоа веројатно му ја олесни работата на господинот кој не знаеше како да го исфрли од тимот.“
Според неа, сè ескалирало по натпреварот со Германија во неделата, на кој Зоран Драгиќ на теренот поминал само три минути.
„Подобро би му било да се погледне во огледало и да си ја повтори таа реченица“, додаде Светлана Драгиќ.