Турскиот фудбал е погоден од нов голем скандал. Стотици судии, меѓу кои и неколку со национален ранг, биле откриени дека се обложувале на фудбалски натпревари, иако тоа е строго забрането, изјави претседателот на Турската фудбалска федерација, Ибрахим Хаџиосманоглу.
Внатрешната истрага опфатила 571 судија, а резултатите се шокантни: 371 судија имале отворени сметки во обложувалници, а 152 активно се обложувале.
„Одлучни сме целосно да го исчистиме фудбалот од сите траги на корупција. Нема да има исклучоци,“ изјави Хаџиосманоглу, најавувајќи дека санкциите ќе бидат изречени веднаш.
Според него, десет од инкриминираните судии имале повеќе од 10.000 обложувања, а еден дури 18.227. Дополнително, 42 судии се обложувале на повеќе од 1.000 фудбалски натпревари.
Хаџиосманоглу потврди дека 22 од вкупно 371 судија биле активни на национално ниво – меѓу нив седум главни и петнаесет помошни судии, но не откри нивни имиња, ниту дали некој од нив се обложувал на натпревари што сами ги суделе.
Овој скандал доаѓа во период кога турското судење веќе е под зголемена критика поради чести обвинувања за пристрасност. Токму затоа, во пролетта 2024 година, ТФФ одлучи дел од натпреварите во Суперлигата да ги довери на странски ВАР-судии, а во февруари годинава, странски судија ја делеше правдата и на големото дерби меѓу Галатасарај и Фенербахче, меч што со години е симбол на недовербата кон домашните арбитри.

