Скандалот се проширува: Над 1.000 поплаки поради тоа што Меси не играл

Комитетот за потрошувачи во Хонг Конг добил повеќе од 1.000 поплаки од локални жители, но и од туристи поради отсуството на Лионел Меси на пријателскиот меч меѓу Интер Мајами и репрезентацијата на Хонг Конг.

Вкупниот износ на побарувачка надмина 1,1 милиони долари од регистрираните 1.038 поплаки за продажба на билетите за натпреварот. Од овие поплаки, 265 се од туристи, додека останатите се од локални жители.

Интер Мајами победи со 4:1 против Хонг Конг, а на стадионот имаше над 38.000 навивачи кои останаа разочарани и тоа поради фактот дека на теренот не се појави Лионел Меси. Според договорот, Меси требало да одигра барем 45 минути на оваа средба, но во договорот стоел анекс дека Аргентинецот може и да не игра само ако е повреден или болен.

Од тимот на Интер Мајами објавија дека Меси поради повреда не играл на тој дуел, а навивачите од трибините скандираа „Го сакаме Меси“ и „Вратете ги парите“. Неколку дена подоцна Меси заигра за Интер Мајами на пријателски меч одигран во Јапонија, што дополнително ги разгоре страстите кај разочараните фанови кои беа на трибините на стадионот во Хонг Конг.

Најекстремните бараа да се забранат средбите на кои игра Меси, а организаторот на мечот на кој требаше да игра Лео одлучи да врати барем 50 отсто од сумата која ја платија за билет на тој дуел.

 

- Оглас -

Најнови вести