Скандалозна објава на Реал Мадрид ТВ: „Пеналот е смешен, а ‘Негреира лигата’ е одвратна!“

Реал Мадрид синоќа одигра 1-1 во градското дерби против Атлетико Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ во 23-то коло од Ла Лига, но повторно големо внимание привлече скандалозната објава на официјалниот ТВ канал на Кралскиот клуб.

На преполниот „Бернабеу“ гледавме одличен дуел меѓу градските ривали, кој заврши без победник, што најмногу сепак и одговара на Барселона.

Но, ниту овој натпревар не мина без поплаки од Реал Мадрид за судењето, а познато е дека клубот неодамна издаде официјално соопштение во кое тврди дека е сериозно оштетен на одредени натпревари.

Незадоволството на Кралевите продолжи и по дербито, посебно поради пеналот што му беше досуден на Атлетико Мадрид.

Во 35-та минута, Хулијан Алварез погоди од белата точка за водство на гостите со 0-1, откако судијата Градо ја прегледа ситуацијата со Чуамени и Лино по иницијатива од ВАР собата и покажа на пенал.

На снимката беше јасно дека францускиот фудбалер го нагази играчот на Атлетико, поради што главниот судија одлучи да досуди пенал. Оваа одлука предизвика лавина свирежи и незадоволство кај навивачите на Реал, додека стручниот штаб на Кралевите тврдеше дека немало основа за пенал, иако ВАР снимката покажа контакт.

И покрај тоа, Реал Мадрид остана убеден дека судијата Градо не требало да досуди пенал, а доказ за притисокот врз судиите е објавата на официјалниот ТВ канал на клубот.

„Овој пенал е смешен. Мораме да играме против судиите, а не против противничките играчи“, се наведува во објавата на Реал Мадрид ТВ, по што следува уште пожестока порака:

„Да зависи од нас, ќе излезевме од терен и ќе престаневме да играме во валканата „Негреира лига“. Ова натпреварување е одвратно!“

Ова е јасен осврт на скандалот со „случајот Негреира“, во кој Барселона беше обвинета за исплати кон поранешен судиски функционер, иако истрагата не пронајде докази за местени натпревари, што неодамна го потврди и Ла Лига.

Интересно е што ова беше првиот пенал што сезонава е досуден против Реал Мадрид, додека во нивна корист досега биле досудени дури десет пенали во Ла Лига.

Реал Мадрид е првопласиран со 50 бода, Атлетико има 49, а ако Барса ја победи Севиља, ќе се доближи на само два бода од лидерот и ќе има бод помалку од Атлетико, што ќе ја направи борбата за титулата уште понеизвесна.

- Оглас -

Најнови вести