Манчестер сити продолжува со слаби резултати откако синоќа загуби на гостувањето кај Јувентус со 2-0 во натпревар од Лигата на шампионите. Под огромни критики се најде Кајл Вокер, кој беше цел на навреди и срамна фотомонтажа, што го натера да реагира јавно.
Граѓаните минуваат низ криза каква што не се памети во последните години, а секој нов натпревар само ја продлабочува ситуацијата. Критиките кон Вокер, кој не е во својата препознатлива форма, прераснаа во навреди на социјалните мрежи, а некои од нив навистина беа недолични.
Еден од навивачите објавил фотомонтажа на која Вокер е претставен како исламистички терорист, што ја надмина секоја граница на пристојност. Овој чин го натера Вокер да се огласи на „Инстаграм“, изразувајќи го своето разочарување.
„Ова е неприфатливо“, порача десниот бек на Манчестер сити.
Дополнително, Вокер објави и пораки со расистички навреди и закани кои ги добил преку „Инстаграм“, повикувајќи ја платформата да преземе мерки за спречување на ваквите случаи.
„Никој не треба да биде жртва на вакви напади, расистички навреди или закани како оние што јас ги добив по синоќешниот натпревар“, напиша Вокер во својата изјава.
Кризата во Манчестерс сити, заедно со оваа контроверзија, го истакнува притисокот врз играчите, кои се соочуваат со големи очекувања и критики во време на слабата форма на тимот.