Натпреварот од Третата лига – Север меѓу Фортуна и Пчиња, кој се играше вчера во Сингелиќ, беше прекинат во 75-тата минута, при нерешен резултат 1-1 поради насилни инциденти. Играчите на Пчиња одбија да продолжат со играта по бруталниот напад од страна на домаќините.
Според клубот, тензиите ескалирале кога домашните навивачи започнале со вербални навреди кон нивните поддржувачи, главно роднини на фудбалерите, а потоа нападот преминал во физичко насилство.
Најтешко е повреден голманот Никола Стојановски, кој бил брутално претепан од неколку противнички играчи и ја загубил свеста.
„Натпреварот беше тензичен, нашата екипа рано поведе, подоцна Фортуна израмни и со резултат 1-1 заминавме на пауза. Сè беше во ред додека навивачите на Фортуна не ја нападнаа нашата публика, роднини и пријатели на нашите играчи, а не навивачка група. Во 75-тата минута ескалираше ситуацијата – турната беше заштитната ограда и навивачите влегоа на теренот. Ситуацијата привремено се смири и играта продолжи, но еден играч на Фортуна од клупата физички го нападна нашиот голман Никола Стојановски, кој остана без свест. Потоа пет-шестмина фудбалери го клоцаа на теренот, а нашиот играч Боби Стојановски се обиде да го заштити, но и тој беше нападнат од играчите на Фортуна.
Делегатите подоцна одлучија натпреварот да продолжи, но нашата екипа немаше услови за тоа бидејќи голманот беше пренесен итно во болница во Куманово, а младите играчи беа преплашени. Сето ова е забележано на видеоснимки од натпреварот и ФФМ веројатно ќе донесе најстроги санкции за играчите на Фортуна поради ваквото вандалско однесување. Нашата екипа исто така мораше да чека до доаѓање на Интервентната полиција за да го напушти теренот. Сега на потег е ФФМ и сигурни сме дека ќе донесе правична одлука за овој немил и неспортски настан“, изјави тренерот на Пчиња, Часлав Вукановски.
Голманот Никола Стојановски итно беше пренесен во болница во Куманово, каде што останал на лекување во текот на ноќта.