Скандалозниот судија Дејвид Кут исфрлен од судиската асоцијација на Англија

Англискиот судија Дејвид Кут е исфрлен од Асоцијацијата на професионални судии во Англија, соопштија официјално од организацијата, наведувајќи го како причина „сериозното прекршување“ на неговиот договор. Судиската кариера на Кут стана предмет на јавноста пред еден месец, кога се појави скандалозно видео во кое тој го навредува Ливерпул како клуб, како и поранешниот менаџер на тимот, Јирген Клоп.

Се претпоставува дека видеото е снимено за време на пандемијата пред неколку години.

Подоцна беше објавено уште едно видео на кое Кут се гледа како шмрка бела прашкаста супстанца со помош на навиткана банкнота. Овој инцидент се случил во хотелска соба за време на Европското првенство во Германија, каде што тој беше дел од судискиот тим. Новото видео е снимено на 6 јули, ден по четвртфиналето на ЕВРО 2024 меѓу Португалија и Франција, натпревар на кој Кут беше еден од ВАР судиите.

Дополнително, Кут е под истрага од Фудбалската асоцијација на Англија за наводно учество во нелегално обложување на натпревари. Причината за новите сомнежи се пораки што тој ги испратил пред и по натпреварот помеѓу Лидс и Вест Бромвич Албион во 2019 година. Контролните органи се сомневаат дека некои од неговите одлуки на теренот, како покажување жолт картон, можеби биле поврзани со помагање на трети лица кои се обложувале.

УЕФА, исто така, го истражува случајот, а уште на почетокот на скандалот му беа превентивно одземени судиските права.

- Оглас -

Најнови вести