Скандинавката стана ракометна мода, Македонија нема штоф за актуелниот тренд

Данска и Шведска одиграа одлично финале на Мундијалот во Египет и само потврдија дека во последно време во Скандинавија се игра најдобриот ракомет на светот.

Данците ја одбранија титулата што ја освоија и на претходниот шампионат со победа против Норвешка и заслужено се асполутни владетели и земја каде што се игра најдобриот ракомет на планетата. Светските прваци изгледаа уште подобро од претходното издание кога за првпат станаа светски прваци. Ја доведоа ракометната игра до совршенство, па некако и шаховската стратегија со познатата скандинавска одбрана умешно се вклопи во целата приказна со одбраната на светската ракометна круна.

КАКО ИГРАВМЕ, ПОАРНО ДА НЕ ОДЕВМЕ ВО ЕГИПЕТ

Хит беа и Швеѓаните со речиси вториот тим во Египет, по отсуството дури на деветмина стандардни играчи. Беше милина да се гледаат и условно кажано резервите на четирикратниот светски првак, а особено восхитувачки беше тимскиот дух на шведските репрезентативци.

Во последен час како прва резерва на турнирот влета и Македонија, но според тоа како игравме, подобро и да не одевме во Египет. Четири убедливи порази и победа против аустајдерот Чиле е лош ефект за земја во која ракометот важи за спорт број 1, а го заслужи со континуирани и добри настапи на големите натпреварувања.

Игравме ракомет од некои минати времиња, апсолутно надвор од модерниот тренд, безидејно, бавно, без жар и желба за успех, што е чудно особено за помладите репрезентативци.

Беше тажно да се гледа како една величина од рангот на Кирил Лазаров се мачи и буквално нема со кого да игра, со чест на ретки исклучоци.

ПРОКОЦКАВМЕ МНОГУ ГОДИНИ – КАДЕ НИ СЕ НАСЛЕДНИЦИТЕ НА КИРЕ, МОЈСО, МИРКУЛОВСКИ, ГЕОРГИЕВСКИ?

Воздивнуваме за борци какви што беа Миркуловски, Мојсовски, Јоноски и Велковски, немаше кој да ни даде крилја од крила без Манасков и Георгиевски, немавме игра, шут, пробивност, свежина и, пред сè, квалитет за настап на Мундијалот.

Египет, лошиот настап и пласманот отворија и многу болни теми во македонскиот ракомет. Прашање е како успеавме да прокоцкаме десеттина години и една блескава кариера на бек каков што е Лазаров, рангиран меѓу најдобрите на светот, и не успеавме да му подготвиме замени што ќе бидат барем близу до неговиот квалитет.

Зарем е можно во спортот број 1 речиси никој да не забележи дека не сме на вистинскиот пат. Дека Филип Талевски не е квалитет за лидер, ниту пак тоа, да не се лажеме, е и Филип Кузмановски. Дека за големи дела, треба да имате и големи мајстори на ракометната игра, а тие двајца и многумина што добиваа шанса да играат и да учат од Кирил Лазаров и останатите поранешни репрезентативци не се ни блиску од тој калибар.

Секако, болна тема се и останатите места во националниот тим, особено и ако се прости и Стојанче Стоилов и ако не играат Георгиевски и Манасков.

Долго време сме тапкале во место, а турнирот во Египет ни покажа и колку заостануваме зад водечките репрезентации. Сега ни следува неминовен пад, во спортот, за жал, не се прават чуда преку ноќ или тие се ретки, а најдобар пример се Швеѓаните. Тие не кукаа дека им фали цела репрезентација, напротив подготвиле речиси комплетно нов тим што леташе на терените во Египет.

ВЕЌЕ НЕ ПРЕСТИГНАА И ЗЕМЈИ ЗА КОИ БЕВМЕ ПОИМ ВО РАКОМЕТ

Ако сакате, дури и на темелните и дисциплинирани Јапонци очигледно им помогнала скандинавската рака и школата на ракомет, предводена од одличниот стратег и селектор Дагур Сигурдсон. Кој ги гледаше барем на некој од натпреварите, ќе забележеше дека играат сензационално добар и модерен ракомет под команда на исландската ракометна легенда. Напредуваат и останатите земји, па некако само Македонија, Уругвај и уште многу малку земји учеснички на Светското првенство изгледаа како залутани на Мундијалот.

Чаре има, треба да се работи напорно во спорт што кај нас има корен, и тоа одличен. Да се вратат во погон старите ракометни центри што полека, но сигурно замираат. Потоа и да се искористи ситуацијата додека сè уште има база и интерес за спортот број 1 во Македонија за да се вратиме на вистинската патека. Дури не би било лошо да побараме помош, во случајов најдобро од Северот на Европа. Скандинавката е ракометна мода, да не дозволиме Македонија да биде надвор од светскиот тренд.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести