На еден месец пред почетокот на Светското ракометно првенмство за жени кое треба да се игра во Холандија и Германија, три големи ракометни нации протестираат против кодексот на облекување на светската федерација ИХФ.
Данските, норвешките и шведските ракометни федерации напишаа заедничко писмо во кое бараат укинување на шорцевите во светли бои!
Потпретседателката на Данската асоцијација, Мете Вестергард, објасни кои се причините за ова барање.
„Долго време сакавме да го промениме ова, но сега поднесовме официјално барање. Проблемот е што девојките се чувствуваат крајно несигурно во врска со тоа, а кога имате менструација, тоа е многу загрижувачко прашање“.
На сите машки и женски натпревари под капата на ИХФ, како и на Олимписките игри, секој тим мора да има три различни комбинации на дресови. Ова вклучува „комплет дресови и шорцеви во светли бои“ како што е пропишано со прописите.
Норвешката репрезентативка Вероника Кристијансен на телевизискиот канал НРК истакна: „Лично, мене ми е и срамно. Затоа, отфрлете ги белите шорцеви! На крајот на краиштата, менструалниот циклус е нешто што играчите не можат да го контролираат“, рече таа.
Од ИХФ одговорија дека сега е доцна за промена на правилата за претстојното СП, но додаваат дека не постои специфична регулатива што ја налага употребата на бели шорцеви, туку примарната цел на сегашните регулативи е да се обезбеди јасна визуелна разлика помеѓу двата тима, земајќи ги предвид факторите како што се контрастот на боите и пристапноста за далтонистите и гледачите.
Светската федерација објави и дека колку што ќе биде можно повеќе ќе им угодува на тимовите кои сакаат да играат со темни шорцеви.

