Скандинавско финале во Египет – Светскиот првак ќе го брани тронот

Репрезентацијата на Данска ќе го брани светскиот трон во скандинавското финале против Шведска, откако актуелниот светски првак славеше со 35:33 во второто полуфинале против европскиот владетел Шпанија.

Данците предводени од неприкосновениот Микел Хансен од самиот почеток на средбата го презедоа резултатот во контрола и не ѝ допуштија на Фуријата ниту еднаш да дојде во предност. Избраниците на Јакобсен константно држеа водство од два до три гола во првите 30 минути, а во еден момент водеа и со највисоки +5 при резултат 13-8.

Шпанија успеа да се врати во последните 15 минути и да брка минимална негатива, меѓутоа не дојде до посакуваниот пресврт ниту пак да израмни. Во клучните моменти се разбрани Ландин, додека на другата страна Хансен ја полнеше мрежата на европскиот првак, но сепак драмата беше активна во последните 60 секунди.

Шутот на Марчан во последниот напад на Шпанците застана на гол-линијата и тоа беше најголемата прилика која ја пропуштија да изнудат продолженија, односно да останат во игра за пласман во финалето.

Хансен одигра вонсериска партија со 12 погодоци, со седум гола го следеше Саугструп. Даниел Душебаев изненади како најефикасен од редовите на Шпанија со седум погодоци.

Финалето е закажано за во недела во 17:30 часот, додека мечот за трето место меѓу Шпанија и Франција ќе се одигра во 14:30 часот.

- Оглас -

Најнови вести