Скапо платен глупав потег: Навивач на Хофенхајм доби три години затвор поради фрлена пиротехничка направа која повреди 10 луѓе

Судијата во окружниот суд во Аусбург му изрече тригодишна затворска казна на навивач на Хофенхајм. Навивачот е казнет затоа што во ноември минатата година, на дуелот од Бундеслигата меѓу Аугсбург и Хофенхајм фрлил петарда на трибината, по што биле повредени 10 луѓе, меѓу кои имало и деца.

„Тоа не беше нормална употреба на пиротехнички средства на стадион во Германија. Тоа беше голем инцидент. Тоа беше експлозивна направа поради која 26.000 луѓе на стадионот се уплашија дека има терористички напад“, рече судијата Кристоф Керн во своето образложение за донесување на таа драстична казна.

Мечот меѓу Аугсбург и Хофенхајм мораше да биде прекинат и во делот каде што беше фрлена силната петарда, беше дадена лекарска помош на повредените. Државниот обвинител бараше затворска казна од четири години и 10 месеци поради „безобразно однесување“ и нанесување тешки телесни повреди, а меѓу повредените имаше и деца.

Обвинетиот навивач неколку пати се извини за својата постапка. „Тоа едноставно беше глупаво“, биле зборовите на обвинетиот на судењето. Покрај затворската казна, навивачот кој ја фрли експлозивната направа ќе треба да им плати и обесштетување на повредените. Дел од нив ќе имаат и трајни последици.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести