Аријан Адеми одигра капитенски за Динамо Загреб на големото и вечно хрватско дерби против Хајдук на „Пољуд“, а мајсторската партија фудбал ја круниса со гол во победата од 2:0.
Адеми беше најприсебен во гужвата пред голот на Хајдук и во 75-тата минута ја запечати победата од два гола разлика.
Претходно Кадѕиор погоди во 47-мата минута во меч во кој гостите од Загреб играа со фудбалер повеќе од 40-тата минута, кога беше исклучен Исмаили.
Хрватските медиуми објавија дека на „Пољуд“ има скаути од неколку европски гиганти, а најавено беше присуство на преставници на Манчестер јунајтед, Манчестер сити и уште неколку големи клубови, кои ја следеа и фантастичната партија фудбал на македонскиот репрезентативец.